12/08/2026
На денешен ден!
Пеколот на земјата - Непокорно Крушево и во смртта на нозе!
Десет дена траела слободата.
На единаесеттиот дошле османлиските топови.
На 12-ти август 1903 година, османлиските сили под команда на Бахтијар-паша тргнале во решавачки напад врз Крушево. Наспроти востаниците стоела многубројна војска, вооружена со артилерија и решена по секоја цена да го задуши востанието.
Топовите почнале да го гранатираат градот.
Крушевската Република ги живеела своите последни часови.
Бахтијар-паша побарал од крушевчани да истакнат бели знамиња на терасите и прозорците од своите куќи во знак на предавање. Но Крушево не се предало на неговиот повик. По препорака на Горскиот штаб, предводен од Никола Карев, била издадена наредба населението да го напушти градот.
Луѓето го земале само она што можеле да го понесат со себе.
Домовите, дуќаните, имотот - сè друго останало зад нив.
Жени, деца и старци, заедно со дел од востаниците, се упатиле кон околните планини. Друг дел од востаниците решиле да не отстапуваат.
Следувале жестоки борби.
Една од последните и најкрвавите се водела кај Мечкин Камен. Таму, во нерамна борба бранејќи ја честа на Крушево загинал легендарниот војвода Питу Гули заедно со голем број свои соборци
Крушево скапо ја платило дрскоста да се крене на востание и десет дена да живее слободно.
Во задушувањето на востанието животот го загубиле 117 души. Меѓу нив имало 15 жени, пет моми и шест деца.
Над 150 девојки и жени биле силувани.
Во пламен исчезнале 159 куќи и 210 дуќани. Изгорел поголемиот дел од крушевската чаршија. Уништени биле домови, покуќнина и стока, а драгоценостите биле ограбувани.
Материјалната штета била проценета на повеќе од 80.000 златни лири.
Но бројките можат да го покажат размерот на катастрофата. Не можат да го опишат ужасот.
Тој вистински започнал кога аскерот и башибозукот навлегле меѓу куќите.
На влезот во градот османлиските сили биле пречекани со оган од востаниците и од вооружените жители што не успеале да се пробијат.
Отпорот бил жесток, но нерамноправен.
Аскерот бил поброен.
Кога последните жаришта на отпорот почнале да замолкнуваат, војниците тргнале низ градот. Куќите за кои се сомневале дека кријат востаници биле палени.
Во една од нив жив изгорел Теохар Нешков, член на Привремената влада на Крушево.
Потоа започнале претресите.
Од врата до врата.
Од куќа до куќа.
Се барале комити, муниција, оружје и востаници. Луѓето што останале во градот биле принудени да излегуваат од своите домови и да се предаваат.
По улиците веќе лежеле мртви.
Меѓу нив бил и лекарот на востаничката болница.
Тодор Борјар, член на Внатрешната македонска револуционерна организација, оставил едно од најморничавите сведоштва за она што го видел тој ден:
„Кога одевме да се предаваме јас, со брат ми Тирчу и Ташку Топуз, минувајќи покрај куќата на Копачу, го видовме трупот на доктор Бател, кој беше лекар во востаничката болница. Него го беа заклале Турците со секира, така што главата му беше пресечена надве и секирата стоеше закопана во неа. Намерно беше оставен да го гледа народот, кој беше принуден да преоѓа преку него. Покрај трупот седеше еден турски војник и на минувачите им велеше: ‘Сите вас ова ќе ве снајде ако не мирувате.’ Навистина, тоа многу лошо делуваше кај луѓето. Таквите случаи и примери на повеќе места среќававме.“
Трупот не бил оставен таму случајно.
Требало да биде виден.
Требало да предизвика страв.
Требало секој што ќе помине покрај него да разбере што може да го снајде.
Најголемиот дел од крушевските мажи биле собрани на Гумења.
Таму се наоѓал штабот на Бахтијар-паша.
Во толпата требало да бидат пронајдени востаниците и луѓето поврзани со револуционерното движење. Едни требало да бидат пуштени, други издвоени и казнети.
При селекцијата особено жестоки биле Зенин-ефенди и С’тки-ефенди Корија.
По нивно посочување, како и по кажувањата на други османлиски службеници, од масата биле издвоени речиси сите попознати крушевчани.
За некои немало судење.
Немало ни милост.
Танче Илковски бил убиен.
Лозан Спасов бил полеан со газија.
Потоа бил запален жив.
Кога замолкнале пушките
До крајот на денот Крушевската Република повеќе не постоела.
На местото на востаничкиот град останале чад, пепел, човечки трупови и урнатини.
Куќи во пламен.
Изгорена чаршија.
Ограбени домови.
Мртви по улиците.
Семејства растурени по околните планини.
Жени што го носеле ужасот на преживеаното.
И еден град што за само неколку часа ја платил цената за своите десет дена слобода.
Османлиската војска успеала да ја задуши Крушевската Република.
Не успеала да го избрише споменот за неа.
Зашто Републиката траела само десет дена, но зад себе оставила нешто што траело многу подолго: споменот дека во летото 1903 година еден мал планински град се осмелил да прогласи слобода - и дека за таа слобода платил со крв, оган и човечки животи.
На 12 август топовите можеле да го замолкнат Крушево.
Не и по еден век не успеаа да го замолкнат неговото славно име.
Слава на сите загинати!
Текстот и долу реставририраните во боја фотографии од опожареното Крушево се авторско дело на:
Жива е Македониiа.